Возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, верува дека може да победи на една Формула 1 трка оваа сезона и ја истакна трката за Големата награда на Монако како најдобра можност.
Двократниот светски шампион одлично влезе во сезоната, на првите пет трки, четири пати го освои третото место, а Астон Мартин втор во конструкторскиот поредок зад шампионите Ред Бул.
Подиумот на Алонсо се слави речиси како победа, а по серијата добри резултати, 41. годишниот возач размислува за победа.
Запрашан дали може да забележи „една или две победи“ оваа сезона, Алонсо за „Скај спорт“ рече: „Мислам дека можам, да“.
На дополнителното прашање на која патека би можел да триумфира, Алонсо рече дека не знае.
„Изгледа дека имаме болид кој можеби не е најбрз на правците. Мора да го поправиме тоа, но ние сме многу добри во свиоците. Така, би рекол најбавните патеки во шампионатот, да речеме Монако, Будимпешта, Сингапур. Мислам дека на таков тип на патека во овој момент имаме најголеми шанси“, рече тој.
Алонсо е далеку пред тимскиот колега Ленс Строл, но не може сериозно да се натпреварува со возачите на Ред Бул, Макс Ферстапен и Серхио Перез. Холанѓанецот победи на три, а Мексиканецот пна две трки оваа сезона.
„Мислам дека на почетокот на годината подиумот беше неверојатен. Сега по четири подиуми, сакаме повеќе, барем второ место. Но, знаете, двата Ред Була се секогаш нескротливи и секогаш се супер-брзи. Ред Бул е посилен, побрз и секогаш бил извонредно сигурен, а двете возила ја завршуваат секоја трка“, рече Алонсо, кој досега има 32 победи во Формула 1.
Формула 1 шампионатот продолжува викендов, а трката за Големата награда на Емилија Ромања во Имола се вози во недела од 15 часот./Makfax