Актерот Алек Болдвин се изјасни за невин по повторното обвинение за ненамерно убиство во фаталното пукање на кинематограферката Халина Хачинс во 2021 година на сетот на вестерн филмот „Р’ѓа“ во Ново Мексико, пишува „Си-би-си њуз“.

Според судските документи поднесени во средата во судот на округот Санте Фе, 65-годишниот Болдвин се изјаснил за невин по обвинението, кое претходно овој месец го покренаа специјалните обвинители на Ново Мексико.

На 21 октомври 2021 година, на филмски сет, 42-годишната Хачинс била погодена и убиена од истрел, кога пиштол-реквизит што го држел Болдвин испукал за време на пробата.

Болдвин постојано негираше дека го повлекол чкрапалото од пиштолот. Сепак, форензичкиот извештај објавен од страна на обвинителите во август минатата година, утврди дека најверојатно чкрапалото е повлечено.

На Болдвин не му е дозволено да консумира алкохол и не може да ги напушти САД без писмена дозвола од судот, според налогот за условно ослободување потпишан од судијата во средата. Исто така, му е дозволено да има контакт само со потенцијални сведоци што се однесуваат на „деловни работи“ поврзани со филмот „Р’ѓа“.

Прикажи повеќе