На седница на Собранието на Косово, опозициските партии ја критикуваа Владата за акциите на северот, како и за прашањето за гасоводот. Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека во северна Митровица не е безбедно. Според него, по двете акции на полициските специјалци и борбата против шверцот, Косово е послабо во овој дел од земјата. Но, премиерот, Албин Курти, го смета спротивното.

Advertisements

„Операциите на северот се слични како оние на Саакашвили и тоа намерно се прави за да се предаде Северот. Тоа намерно се прави и не знам зошто се прави. Но, оние од безбедноста и од законот знаат дека Косово денеска на Северот е послабо во однос на владеењето на правото и безбедноста после тие две операции“, рече Харадинај.

„Северот беше загрозено тогаш кога пратеникот Харадинај во неговата канцеларија го примаше криминалецот Милан Радојчиќ. Тогаш Северот беше загрозен. Опасноста доаѓаше од џентлменскиот договор со криминалците. Северот не е загрозен од полицијата, Северот го загрозуваат криминалците и нивната соработка со политичари од сите бои и припадности. Тоа јавно се случи во јули 2018 година. Тогаш Северот беше загрозен, а не сега“, возврати Курти.

„Не ми е целта во моралот на полициските сили, затоа што јас верувам во косовската полиција. Му верувам на косовскиот војник. Јас се плашам од тебе премиеру. Затоа што ти намерно презема две акции за да се предаде Северот. Ова го велам. Јас верувам дека твоето сценарио, да се преземат две акции, а потоа да се повлечете празно за да јакнат криминалците, ти тоа намерно го направи“, рече Харадинај.

„Криминалците на Северот, криминалните структури никогаш не биле поисплашени од сега, така што не треба да се плашите од мене. Северот не се предава, но не предизвикувајте дилеми кај полицијата кога следниот пат ќе одам на север – кој знае зошто Албин те тера таму! Тоа е штетно…“, одговори Курти.