Косовскиот премиер Албин Курти информираше дека полицијата пронашла оружје во вредност од повеќе од 5 милиони евра на северот и го повтори барањето терористите кои избегаа од Косово да бидат екстрадирани од Србија за да се соочат со правдата. Курти рече дека терористичката група смислила свое сценарио на кое косовската полиција успешно одговорила со елиминирање на тројца терористи, апсење на неколку други и следење на другите кои избегале.
„Пронајдовме оружје вредно повеќе од 5 милиони евра и количини оружје за стотици борци кои сведочат за планот за започнување вооружена војна против Република Косово. Военото оружување и борбената обука, муницијата и другата опрема, политичките и стратешките директиви и официјалната и јавна поддршка доаѓаат од Србија. Така што од неделата што ја оставивме зад нас, веќе ништо не е исто. Фактите излегоа на површина и она што постојано го велевме дека Србија го спонзорира тероризмот на северот, се докажа за сите“, рече Курти.
Курти побара од Србија да ги екстрадира во Косово оние кои избегаа преку планина, а меѓународната заедница да ги прогласи за терористички организации двете организации на северот на Косов, односно т.н. Цивилна одбрана и Северната бригада.
„Во нашата република нема место за терористи, освен пред правдата. Бараме оние кои избегаа преку планина и кои Србија ги засолни, да бидат екстрадирани во Косово што е можно поскоро. Исто така, организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ веќе има доволно докази и аргументи за нивно прогласување за терористички организации од нашите пријатели, партнери и сојузнички држави, како што го направивме тоа на седница на Владата на Република Косово пред 3 месеци“, додава Курти.
Во однос на заштитата на границата, Курти рече дека постои ветување оти Косовските безбедносни сили нема да одат таму, па бара овој вакуум во територијата да биде покриен од силите на НАТО.
Алсат