Четири активисти против борбите со бикови се уапсени денеска во Рим откако го блокирале автомобилот во кој се наоѓал папата Франциско, извикувајќи „Борбата со бикови е грев!“, објави организацијата за заштита на животните ПЕТА.
На видео снимката обезбедена од ПЕТА се гледа како три жени прескокнуваат барикада и клекнуваат пред белиот Фиат кој го носи папата.
Според видеото, тие биле пресретнати од службата за безбедност, а друга жена зад барикадата држела натпис на кој на шпански пишувало „Борбата со бикови е грев“.
BREAKING: Four PETA supporters just arrested after throwing themselves in front of Pope Francis’ vehicle as they begged for His Holiness to cut the Church’s ties to bullfighting ‼️ pic.twitter.com/dvmzaHRUKf
— PETA UK (@PETAUK) December 8, 2024
Инцидентот се случил додека 87-годишниот папа се упатил кон Шпанските скали во Рим за да ја благослови статуата на Дева Марија на празникот на Пречистата.
ПЕТА објави дека акцијата е дел од кампањата која го повикува папата да ги прекине врските на Католичката црква со борбите со бикови и да го осуди овој ужасен крвен спорт.
Активистите против борбите со бикови протестираа пред возилото на папата за време на посетата на Луксембург во септември, а неодамна ја прекинаа мисата во Рим, предводена од папата Франциско, во знак на протест против практиката.
Потпретседателката на ПЕТА за Европа, Мими Бекечи, го нарече „срамота“ тоа што Црквата продолжува да го поддржува „убивањето и осакатувањето на биковите“.
Групата рече дека борбите со бикови често се одржуваат во чест на католичките светци, вклучувајќи ја и Дева Марија, а свештениците водат верски церемонии за време на борбите со бикови.
ПЕТА потсети и дека папата Франциско во енцикликата „Лаудато Си“ за животната средина напиша дека злоупотребата на животните е „спротивна на човечкото достоинство“.
Борбите со бикови се одржуваат во Шпанија, Франција, Португалија, Венецуела, Мексико, Перу и Еквадор.
Текстот Активисти го блокираа автомобилот во кој се наоѓаше папата Франциско: „Борбата со бикови е грев“ е превземен од МАКФАКС.