Македонскиот фудбалски репрезентативец и капитен на Динамо, Аријан Адеми се најде меѓу 25-те најдобри фудбалери во последните 50 години во Хрватска, во изборот и анкетата што ја спроведува еден од најугледните весници во земјата „Вечерњи лист“.
Адеми кој беше номиниран меѓу 50-те најголеми фудбалери во изминатиов половина век, дури на првото гласање со кое влезе во топ 25 изненадувачки се најде на четвртото место, пред легендарни фудбалери како Звонимир Бобан, Марио Манџукиќ, Ален Бокшиќ, Аљоша Асановиќ, Иван Ракитиќ, Златко Цицо Крањчар, Јурица Јерковиќ, Златко Вујовиќ, Велимир Зајец..
Адеми освои 5,62 отсто од гласовите меѓу 50-те номинирани, а пред него завршија Лука Модриќ, најдобриот светски фудбалер за 2018 година со убедливи 52,4 отсто од гласовите, Давор Шукер со 8,01 отсто од гласовите и Роберт Просинечки со 6,48 отсто од гласовите. Адеми во изборот во Хрватска се најде поради своите настапи за сите младински селекции на „коцкестите“ и три меча за сениорскиот тим на пријателски мечеви, пред да заигра за Македонија од 2015 година и да биде еден од главните играчи на црвено-жолтите, со настап на Еуро 2020 и со мундијалски бараж кој во март го очекува,
„Самото тоа што јас сум номиниран меѓу 50-те најголеми играчи во Хрватска е голема чест. Чест е да се биде во друштво на вака угледни и големи имиња, а многу ми е драго и уште поголема чест што влегов меѓу 25-те најдобри“, рече Адеми.
Вториот филтер за да се добијат 10-те најдобри трае со гласање до 21 месецов, кога ќе бидат избрани најдобрите десетмина, а потоа до 24 јануари со трето гласање ќе биде избран најдобриот хрватски фудбалер во последните 50 години.
Адеми во моментов на второто гласање има огромни 19,65 отсто од гласовите, а само Модриќ со двојно повеќе и над 40 отсто е прв, што значи ако во следните два дена трендот не се смени, македонскиот репрезентативец за врска ќе влезе во топ 10 играчи во историјата на хрватскиот фудбал.