Адвокатскиот тим на лидерот на босанските Срби Милорад Додик се уште не е сигурен дали тој ќе поднесе жалба на првостепената пресуда со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, потврди денеска адвокатот на Додик, Горан Бубиќ.
Во првостепениот процес, Судот на БиХ на 26 февруари го прогласи Додик за виновен за неприменување на одлуките на високиот претставник за БиХ, а Бубиќ рече дека одбраната сè уште не добила писмен примерок од таа пресуда, па рокот за поднесување жалба не е ни започнат.
„Дали ќе се жалиме или не, ќе видиме откако ќе ни биде доставена копијата од пресудата“, изјави Бубиќ за Еуроњуз, додавајќи дека се уште тврди дека Додик немал правично судење бидејќи не му судел непристрасен, туку „политички“ суд.
Веднаш по изрекувањето на пресудата, самиот Додик изјави дека не планира да се жали бидејќи и онака не го признава Судот на БиХ, но додаде дека ќе им остави на адвокатите да постапат како што им одговара.
Доколку не поднесе жалба и пресудата автоматски стане правосилна или потврдена во второстепената постапка, Додик најави дека нема да го оствари правото да бара замена на затворската казна со парична казна бидејќи, според законот, се уште има можност да ја откупи по цена од 100 конвертибилни марки (50 евра) за секој ден или на крајот за околу 18 илјади евра.
„Никогаш нема да дадам ниту фенинг за да ја откупам казната“, рече Додик пред пратениците во парламентот на Република Српска на денот на изрекувањето на пресудата.
Замената на затворската казна со парична казна не е автоматска, туку оваа опција ја разгледува и одобрува судот на барање на осуденото лице, коj може, но не мора ја одобри таквата опција.
Меѓутоа, Додик и неговите најблиски соработници, премиерот на Република Српска (РС) Радован Вишковиќ и претседателот на ентитетскиот парламент Ненад Стевандиќ, потоа се соочија со можност за ново кривично гонење, овој пат под сомнение дека сториле кривично дело загрозување на уставниот поредок на БиХ за кој се соочуваат со долги затворски казни.
Текстот Адвокатот на лидерот на босанските Срби: Не знаеме дали ќе се жалиме, Додик немаше правично судење е превземен од МАКФАКС.