На почетокот на февруари Австрија ќе воведе задолжителна имунизација против коронавирусот, за сите лица постари од 18 години, а оние што ќе одбијат да се вакцинираат ќе платат високи казни, рече австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тој рече оти е свесен за „чувствителноста“ на оваа одлука која е прва во Европа.
„Како што е предвидено, на почетокот на февруари ќе воведеме задолжителна вакцинација за сите постари од 18 години“, рече Нехамер.
Владата на Австрија предложи ревидиран план за задолжителна вакцинација, кој сега се однесува за постари од 18 години, а не постари од 14 години, како што беше првично планирано.
Канцеларот Нехамер рече дека постоела загриженост околу казнувањето на тинејџерите, па затоа е направена измена и задолжителната вакцинација се воведува за постари од 18 години. Тој додаде оти предлог-законот е смислен за да одговори на флексибилноста на вирусот, а задолжителната вакцинација да стане закон од почетокот на наредниот месец.
Делови од законот можат да бидат суспендирани со одобрение на парламентарниот одбор ако, на пример, идните соеви на вирусот бидат поблаги или, пак, ако експертите одлучат дека вакцинацијата веќе не е пат по кој треба да се оди.