Австрија е на ставот дека не може да има преговори за ставање крај на руската агресија врз Украина без учество на самата Украина и дека мирот мора да биде праведен и не смее да им се наметнува на Украинците. Ова го соопшти австриското федерално министерство за европски и надворешни работи во ексклузивен коментар за Укринформ.
„На 24 февруари се навршуваат три години откако рускиот претседател Путин без причина започна брутална агресивна војна против Украина, во спротивност со меѓународното право. Како и секоја војна, така и оваа мора да заврши на преговарачка маса. На Австрија и е јасно дека ова не смее да биде мир наметнат на Украина. Тоа треба да биде сеопфатен, праведен и одржлив мир заснован на меѓународното право“, соопшти Министерството.
Австриското Министерство за надворешни работи нагласи дека Украина треба да одлучи кога и под кои услови ќе дојде мир како резултат на преговорите.
„Останува на Украинците да одлучат кога и како тоа ќе се случи. Нема преговори за Украина без Украина“, се вели во соопштението на Министерството за ставот на Австрија за мирно решение во Украина и покрај активните напори на САД во таа насока.
Во вторникот, на 18 февруари, американска делегација и претставници на Русија, одржаа преговори во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, за да разговараат за завршување на војната во Украина.