Приватен мал авион посветен на легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона, беше претставен во Буенос Аирес, во пресрет на патувањето на Светското првенство во Катар.

Авионот наречен „Танго Д-10-С“ е летало со 12 седишта и е дизајниран како „летачки музеј“ во чест на славниот Аргентинец, кој почина од срцев удар во ноември 2020 година. На трупот доминира ликот на Марадона, како го бакнува трофејот на Светското првенство, којшто го освои со Аргентина во 1986 година, а неговото лице е насликано и на опашката на леталото. Авионот е украсен со бојата на аргентинското знаме – сино-белата, како и слики и сувенири на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. На крилата на авионот има слики од двата гола што Марадона ги постигна на четвртфиналниот натпревар на Светското првенство против Англија (2:1), од кои првиот потоа беше наречен „божја рака“ (затоа што беше постигнат нерегуларно, со рака), а победничкиот, втор гол се смета за еден од најубавите голови на сите времиња.

На презентацијата на авионот присуствуваа и ќерките на Марадона – Далма и Џанина.

– Мислам дека ова е одлична идеја, бидејќи тој е најдобриот играч во историјата. Ова Светско првенство ќе ни биде прво без Марадона. Многу ни недостига, но тој е секогаш тука со нас. Ние играчите од генерацијата 1986, секогаш зборуваме за него и се потсетуваме на анегдотите и како тој нѐ доведе до освојувањето на Светското првенство, изјави поранешниот аргентински репрезентативец Серхио Батиста.

Навивачите кои ќе патуваат со авион ќе можат да му остават порака на Марадона и „да комуницираат“ со него преку вештачка интелигенција.

Компанијата којашто ја финансираше наградната игра за лет со овој авион, соопшти дека првично ќе нуди приватни летови само до Аргентина, но следи и замислата за патувања до Мексико, Неапол и Дубаи.

Авионот ќе отпатува и за Катар – на Мундијалот. Потоа, според најавите, ќе биде ставен на аукција, а средствата ќе одат во хуманитарни цели.