Во недела на 29 октомври повторно се враќаме на зимско сметање на времето, па стрелките во 15 часот треба да се вратат еден час назад, значи до 14 часот. Многумина ќе бидат среќни што тоа ќе им даде уште еден час да спијат или подолго да уживаат во првото утринско кафе. Но, не заборавајте дека на телото му требаат неколку дена да се навикне на новиот ритам и дека можеби ќе го пропуштите тој час навечер бидејќи побрзо ќе се стемни.
Практиката на поместување на стрелките на летно и зимско сметање на времето е воведена за да се заштеди електрична енергија во индустријата, така што во лето, кога сонцето изгрева порано, луѓето стануваат час порано и почнуваат порано со работа, користејќи природна светлина. Зимското сметање на времето е усогласено со подоцнежното изгрејсонце, па луѓето подоцна се „активираат“.
Пред таа промена, секогаш се радуваме дека конечно ќе наспиеме, а тоа чувство може да не држи добри десет дена. Постојат студии кои сугерираат дека ризикот за здравјето на срцето кога го поместуваме часовникот на зимско сметање на времето е нешто помал отколку кога го преместуваме на летно сметање на времето. Згора на тоа, кај субјектите кои истражувачите ги следеле првите две-три недели по поместувањето на часовникот на зимско сметање на времето, отчукувањата на срцето се забавувале, веројатно поради чувството дека имаме повеќе време, па стресот е помал.
Сепак треба да се има предвид дека ова е лажно чувство, бидејќи луѓето кои се навикнати да работат на компјутер до доцна навечер, или да гледаат филм, лесно можат да претераат и да го „потрошат“ времето што го добиле по поместување на часовникот.
Затоа не е лошо да почнете да се ‘подготвувате’ за оваа промена два или три дена порано, со тоа што ќе си легнете барем половина час до еден час порано од времето на кое сме навикнати според часовникот – советуваат експертите.
Инаку, зимското време значи дека порано се стемнува. Имено, додека во сабота сонцето заоѓа во 17 часот и 49 минути, во недела ќе зајде во 16 часот и 48 минути, односно надвор ќе биде темно и пред 17 часот.
Ова може да предизвика попладневен замор, поспаност и недостаток на концентрација. Така, има студии кои покажуваат дека се зголемува бројот на сообраќајни несреќи во месецот по поместувањето на часовникот во зима – предупредуваат експертите.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.