Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри изјави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој денеска прогласи победа на претседателските избори во САД, ќе биде тестиран на неговите изјави дека може да ја запре војната во Газа за неколку часа по преземањето на функцијата.

– Го покануваме Трамп да научи од грешките на претседателот Џозеф Бајден – изјави Абу Зухри за Ројтерс.

Доналд Трамп денеска прогласи победа на претседателските избори во САД.

Тој му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека сака Израел да ја заврши војната во Појасот Газа додека тој се врати на функцијата доколку победи на изборите, објави „Тајмс оф Израел“ минатиот месец, цитирајќи поранешен функционер од администрацијата на Трамп и израелски функционер.

Светските медиумим потсетуваат дека израелската армија пред неколку дена објави дека е убиен еден од последните високи функционери на Хамас, Иза ал-Дин Касаб, пренесува Танјуг.

Убиството на Иза ал-Дин Касаб го потврдија израелските одбранбени сили (ИДФ) и Шин Бет, наведувајќи дека тој бил убиен во воздушен напад во јужниот дел на Појасот Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

Касаб беше еден од последните преостанати членови на политичкото биро на Хамас, каде што беше шеф на националните односи.

Според ИДФ, тој бил одговорен за координација меѓу Хамас и другите терористички групи во Газа.

– Касаб беше значаен извор на моќ и, врз основа на неговата улога, беше одговорен за стратешките и воените односи на организацијата со другите фракции во Појасот Газа. Тој имаше овластување да го насочува извршувањето на терористичките напади против државата Израел – се наведува во соопштението на ИДФ.

Според соопштението на ИДФ, во нападот бил убиен и помошникот на Касаб, Ајман Аџеш.

Текстот Ќе видиме дали ќе сопре војната како што вети: Хамас за новиот претседател на САД е превземен од МАКФАКС.