„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ), што денеска се одржа во Охрид.

Според Љутков, глобалните кризи во последната деценија јасно покажуваат дека културата мора да биде интегрален дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид 2014 година, постави важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми, функционална соработка и засилена доверба меѓу земјите од регионот.

Тој ја нагласи важноста на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници, како клучни елементи за развој на современи културни политики. Министерот ја потенцираше и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, оценувајќи дека тоа ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.

„Заедничката иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, рече Љутков.

Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, истакнувајќи дека нивната поддршка е признание за потенцијалот на регионот и важен поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.

Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура и туризам, кое е претседавач на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“. На собирот во Охрид учествуваат министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од: Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и голем број експерти.

На конференцијата се обрати и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура на Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која потенцираше дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство, а нејзината културна разновидност ги одразува вековите креативност и издржливост, како и живиот идентитет на нејзините народи.

„УНЕСКО останува цврст партнер на Комокосе и е целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето. Особено ја поздравуваме улогата на Република Северна Македонија во заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните развојни политики“, рече Ландри.

На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, документ кој ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.

Следната, 2026 година со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе претседава Република Молдавија.

Текстот Љутков од Охрид: Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија е превземен од МАКФАКС.