Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Херцег Нови, имаше свое обраќање на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа-јакнење на културата во функција на одржливиот равој (КОМОКОСЕЕ) на кој Република Северна Македонија и официјално го презеде од Црна Гора претседавањето со ова значајно тело во период од една година.

Во своето обраќање пред присутните Љутков рече дека има големи очекувања од регионалната соработка, за која верува дека ќе се продлабочи и ќе се интензивира следната, 2025 година.

„Верувам дека во годината кога одбележуваме 20 години од потпишувањето на Повелбата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, ќе успееме да ги завршиме преговорите за формирање на Фондот за културна соработка, за кој сме согласни дека ќе претставува уште еден механизам за зацврстување на регионалното поврзување преку нови идеи и решенија, со што ќе дадеме значаен придонес во обезбедувањето сигурен напредок на културата“, порача Љутков.

Претходно, министрите за култура и шефовите на делегациите на земјите членки разговараа за зацврстување на соработката во Култура и уметност за одржлив развој во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.

Во годината кога се одбележува деценија од усвојувањето на Охридската регионална стратегија за културна соработка во ЈИЕ, Љутков, говорејќи за значењето на состанокот, во своето обраќање ја потенцираше улогата на културата во глобалните процеси, истакнувајќи ја потребата за унапредување на соработката и создавање нови можности преку нејзина интеграција во образовните системи.

„Во време кога светот се соочува со сериозни предизвици, постои потреба сите да работиме на создавање одржливи и инклузивни општества каде што културата ќе има клучна улога во глобалните процеси. Свесни сме за улогата на културата во меѓусебното разбирање и за тоа колку се мали разликите, а колку се големи сличностите меѓу нас, а сето тоа заедно создава простор за нови можности. Затоа, нашата посветеност и одговорност како министри за култура треба да биде во насока на интеграција на културата во образовните системи, односно да создадеме образовни програми кои не само што ќе ги промовираат културните вредности, туку ќе ги поттикнат младите да бидат консуматори на културата, но и нејзини активни креатори и промотори“, рече Љутков.

Министерот информираше дека образованието за култура и уметност за одржлив развој во нашата земја добива сè поголемо значење, особено преку интегрирање на уметничките и културните активности во разни инцијативи, програми и проекти.

„Ние сме посветени на создавање нови можности за младите, поттикнувајќи иновации и интеграција на културните вредности во образованието. Во тој контекст, сакам да ги истакнам конкурсите на Министерството за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата, со кои ги стимулираме младите и придонесуваме за нивното образование во областите што се од особена важност за културата и уметноста“, истакна Љутков.

Тој додаде дека со поддршка од Министерството, институциите од областа на културата континуирано организираат едукативни проекти за подигнување на свеста за важноста на културата и уметноста, а е подобрена и пристапноста и инклузијата на лицата со попреченост и на маргинализираните групи кон програмите и содржините во институциите.

На состанокот во Црна Гора министрите за култура и високите претставници на земјите од ЈИЕ ја усвоија и Декларацијата од Херцег Нови.