МКЦ го најавува новото, 50-то издание на Млад отворен театар – МОТ од 19 до 25 ноември. Со внимателно селектирани претстави, концерти и изложба, МОТ оваа година го насочува своето внимание кон македонските автори кои успешно создаваат надвор од границите на државата и во низа половина век постојано отвораат на нови сценски хоризонти.
Под насловот „Нашите во светот“, јубилејното издание ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европски и регионални театри.
„МОТ во 2025 година ќе ги донесе на домашна сцена нивните најнови претстави, создадени во театарски куќи во регионот и пошироко, овозможувајќи им на гледачите да ги видат делата на нашите режисери, актери и сценски автори кои создаваат надвор, но со јасен печат на македонската уметничка школа“, информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Отворањето на фестивалот е со претставата „Лимени барабан“ (Лимениот добош) во режија и адаптација на Васил Христов, која е поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград. „Лимениот добош“ на Гинтер Грас е еден од најважните романи на 20 век, каде преку ликот на Оскар Мацерат, 30 годишен пациент на психијатрија, кој како момче со три години на почетокот на Втората светска војна, донел одлука или одбил да расте. Протестирајќи против возрасните, Оскар ги коментира историските случувања од детска перспектива, цртајќи слика на светот која брза кон самоуништување. Во оваа претстава на Југословенско драмско позориште, македонската екипа е проширена и со композиторот Никола Коџобашија и авторот на сценографија Константин Трпеновски.
Затворањето на фестивалот е предвидено да биде со „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште. Покрај Пројковски како дел од авторската екипа се и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија и Сергеј Светозарев автор на плакатот.
Авторка на годинешниот плакат на МОТ е Кристина Горовска.
Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, каде и ќе може да се набават и онлајн билетите за програмите на фестивалот веќе од четврток, 13 ноември.
Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
Текстот Јубилејно 50. издание на Млад Отворен Театар во МКЦ од 19 – 25 ноември е превземен од МАКФАКС.























