Државниот обвинител ги повикува обвинителите да бидат поригорозни и да ги заострат казните за кривичното дело „недозволено производство, поседување и трговија со оружје и експлозивни материи“. Ова барање на првиот човек на обвинителството доаѓа по алармантната ситуација во Србија. Љубомир Јовески смета дека обвинителите треба да бидат внимателни во висината на казните и да не дозволат можност за алтернативни казни.

“Јакнење на казнените политики, и како почеток јавните обвинители да инсистираат на построги кривични санкции за да нема алтернативни мерки, а во случаи каде е определена блага санкција со првостепените пресуди, во втор степен треба да издејствуваат повисоки казни“, велат од ЈО, пренесува Алсат.

Јовески вели дека алармот за преземање итни чекори се заснова и на трендот на тешки кривични дела сторени од лица под предвидената со закон возраст за кривична одговорност.

„И кај нас се забележува тренд на намалување на старосната граница за тешки кривични дела. Тоа е нешто што не загрижува и треба да се преземаат конкретни превентивни мерки од надлежните институции“, додаваат од ЈО.

Неколку дена откако 17 лица беа убиени во двата вооружени напади во Србија, Министерството за внатрешни работи на земјата ги повика граѓаните да го предадат целото нелегално оружје или ќе се соочат со затворска казна. Лицата кои ќе предадат оружје, гранати, муниција и друго нелегално оружје во периодот од 8 мај до 8 јуни нема да се соочат со никакви кривични пријави. Оние кои нема да ја почитуваат наредбата ќе се соочат со кривично гонење и може да се соочат со многу години затвор, предупредија српските владини претставници. Србија е на врвот на листата на европски земји со најголем број регистрирано оружје по глава на жител и втора на светската листа по САД.