„Здравството го тресат скандали седум години.
Последниот скандал со трговија со цитостатици на Клиниката за Онколигија е шокантен.
Од една страна ни нудеа билборди за европско и бесплатно здравство, а од друга страна гледаме мафија во здравството.
ВМРО-ДПМНЕ пред отприлика две години предупредуваше за ова што денес е актуелна тема, а пред околу шест месеци и медиумите почнаа да се занимаваат со темата.
Значи на МВР и министерот Оливер Спасовски им требаше многу време да реагираат и тоа само со предистрага.
Потенцираме, иако знаеле за случувањата ништо не презеле.
Разрешување директор на Клиниката не е мерка, а во случајов само тоа го видовме.
Освен замајување на јавноста, нема мерки со кои треба да се спречат ваквите случаи кои како последица може да имаат и губење човечки животи.
Токму оваа влада на СДСМ и ДУИ ветуваше живот, а очигледно испорача само човечки несреќи.
Оваа Влада на СДСМ и ДУИ вети децентрализација на третманот за овие пациенти, а истиот е максимално централизиран. И гледаме како наместо да ги лечат најтешко болните, ги крадат со години.
Дополнително, но многу важно е прашањето зошто доколку се грижеле за оваа најранлива категорија пациенти и по седум години владеење не се ставени во функција акцелераторите кои беа набавени пред 2017 година.
Зошто и по 10 промоции не работи акцелераторот во Градската општа болница „8-ми Септември“?
Зошто не е во функција ниту акцелераторот во Битола?
За ова злодело мора да се одговара.
Мора да има одговори и на следните прашања:
Прво, кој ќе одговара со име и презиме за ваквиот третман на онколошките пациенти?
Второ, кој дозволил незаконско и неуставно делување во третманот на пациентите наспроти уставно загарантираното право на здравствена заштита на секој пациент?
Трето, зошто најсовремената онколошка терапија не е на позитивна листа за која четворица министри од Владата на СДСМ и ДУИ не мрднаа со прст?
Четврто, во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност?
Петто, точни ли се наводите и цифрите од стотици евра кои се споменуваат во јавност, а им се бараат на пациенти со малигни заболувања за одредени дијагностички процедури неопходни за натамошен третман?
Шесто, дали последната акција е уште еден обид за замајување на јавноста?
Одговорност за овие монструозни постапки мора да има и ќе има. И тоа и кривична и политичка одговорност.
Последните случувања на Клиниката за онкологија се уште еден показател дека час поскоро треба да замине оваа одродена власт за да почне рестартирање на здравствениот систем“, изјави на денешната прес-конференција Лазо Јовчески, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.