Скандалот со непотребно извршените кардиохируршки операции кој ја згрозува јавноста мора да има целосна разврска, без да се сокрие и најмал детал, сметаат од СДСМ.

Од партијата наведуваат дека иако министерот за здравство Алиу веќе утврдил дека за 10 случаи станува збор за непотребно извршени операции или непотребно упатување на операции, сѐ уште не кажува кои се болниците и лекарите што го направиле тоа.

„Ова е апсолутно недозволиво. Објаснувањето дека нема да се откриваат имињата затоа што извештајот не бил конечен остава простор за манипулација со фактите и за менување на наодите. Ваквото презентирање на истрагата и наодите е скандалозно. Дали министерот намерно не соопштува за да може да преговара или разговара со оние што го правеле тоа? Како е можно да е утврдено дека операциите се непотребно извршени, а истовремено извештајот да не е финален? Ако веќе е утврдено, нема ниту една причина да не се соопштат наодите за кои самиот тврди дека се утврдени — а истрагата потоа може да продолжи“, сметаат од опозициската партија.

Според СДСМ, ова е крајно несериозно однесување на Алиу за огромен скандал за кој не смее да има ниту една дамка сомнеж дека нешто се сокрива или манипулира.

„Во интерес на зачувување на довербата во здравството и во здравствените работници, кои колективно трпат штета од ваквото презентирање на наодите, СДСМ бара итно објавување на досегашниот извештај и наодите од него. Итно и транспарентно да се објават клиниките, како и сите поединечно инволвирани во процесот на носење одлука за операција на пациентите за кои, според Алиу, веќе е утврдено дека не требало да бидат оперирани. Секое спротивно однесување на Алиу создава сомнеж за манипулација со конечната верзија на извештајот и неоправдано ги етикетира сите здравствени институции и лекари, наместо точно да ја лоцира одговорноста“, велат од СДСМ.

Текстот Јавноста мора да знае кои клиники и доктори правеле непотребни операции на срце, велат од СДСМ е превземен од МАКФАКС.