„Почитувани ученици и наставници ви посакувам среќен почеток на новата учебна година.
На првачињата им истурам река вода по нивните стапки за образованието да им тече како вода, да им биде убаво и забавно во училиште, да учат најмногу што можат и да бидат најдобри што можат.
На овој убав ден сепак со јавноста треба да споделам со кои предизвици ќе се соочуваат и учениците и наставниците.
Почитувани, вчера еден од креаторите на фамозната Концепција за реформи во образованието, кој држеше обуки и ја промовираше Концепцијата, Кирил Барбареев изјави дека реформата во основното образование е веќе пропадната.
ВМРО-ДПМНЕ и експертската јавност во Македонија од сам почеток тврдеа дека оваа реформа е неспроведлива и крајно лошо обмислена. На Кирил Барбареев тоа му станува јасно по 2,5 години, а Владата се уште се обидува да ја спроведе таа пропадната реформа.
Учебници за сите ученици на првиот училишен ден нема да има, а и не само на првиот и понатаму. Учениците ќе бидат дискриминирани со тоа што едни ќе имаат учебници, а други материјали за учење, односно линк до ПДФ формат некакви материјали. Огромен број на ученици ќе имаат полураспагнати учебници користени во претходните години.
Врв на хипокризијата на оваа Влада во однос на учебниците е изјавата на премиерот дека министерот не пишува учебници и не е одговорен за нивниот недостаток.
Премиере и изминатите 30 години министерот не пишуваше учебници ама нив ги имаше.
Наставниците ќе бидат фрустрирани бидејќи оваа година ќе држат различен број часови за иста плата.
Историја, во шесто одделение учениците ќе учат само во прво полугодие, а потоа следната година, во седмо. Кога сме кај историја, уште една важна информација за наставниците, ве молам да не ги учите учениците дека Тигар и Еуфрат се наоѓаат во Аррика, така пишува во новите материјали за учење објавени на страната на БРО, дека Нил Тигар и Еуфрат се наоѓаат во Африка. Ве молам, направете напори и науштете ги учениците дека Нил е во Африка, а Тигар и Еуфрат во Азија.
Дел од наставниците ќе предаваат предмети за кои немаат компетенции и вештини. Наместо оценки по предмет наставниците ќе пишуваат оценки на модули. Сето ова како резултат на Насоките за планирање, организација и реализација на наставата, документ кој ако се спроведува води до кршење на најмалку 3 закони.
Значи ли тоа дека ако директорите ги спроведуваат овие насоки, утре може да бидат и разрешени и казнети за непочитување на постоечкиот важечки закон? Потоа Владата ќе побара одговорност и од градоначалниците.
Проѕирна е играта, но не зборавајте дека директорот на Бирото за развој на образованието ставил потпис на документот, а над него е министерот.
За да го сврти вниманието на наставниците од проблемите во училиштето и наставата, Владата ги замајува деновиве со проценти од плата, иако вети потпишување на Колективниот договор требаше да биде потпишан уште пролетта.
Во ваквата хаотична состојба само оваа Влада може да очекува подобри резултати на учениците. Тоа не е можно. Можеби таа и не очекува, но упорно не убедува дека се е добро и многу европски.
Почитувани, не треба да поминат нови 2,5 години за на Владата и стане јасно што прави, потребна е брза и одлучна акција (кажано во нивен стил на изразување) за укинување на пропаднатата реформа“, изјави на денешната прес-конференција Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.