Јулија Навалнаја: На Путин местото му е во истата ќелија во која го уби Алексеј

Судот во Москва издаде налог за апсење на Јулија Навалнаја, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, под обвинение за екстремизам. Таа порача дека местото на рускиот претседател Владимир Путин му е во истата ќелија „во која го уби Алексеј“.

Обвиненијата покренати против Јулија Навалнаја, која живее надвор од Русија, во отсуство се однесуваат на нејзиното наводно „учество во екстремистичко општество“, пренесува Би-Би-Си.

Одговарајќи на налогот за апсење против неа, Јулија Навални објави на социјалната мрежа Х: „Кога пишувате за ова, не заборавајте да го напишете главното: Владимир Путин е убиец и воен злосторник“.

„Неговото место е во затвор, не некаде во Хаг, во удобна ќелија со телевизор, туку во Русија – во истата ќелија каде што го уби Алексеј“, наведе таа.

Московскиот суд донесе одлука Навалнаја, која вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг, да биде приведена и да биде распишана потерница по неа.

Одлуката значи дека ќе се соочи со апсење доколку стапне во Русија.

Овој месец Јулија Навалнаја беше избрана за претседател на Фондацијата за човекови права со седиште во САД, непрофитна организација која работи на промовирање и заштита на човековите права ширум светот. Таа рече дека ќе ја искористи својата улога за да ја интензивира борбата на нејзиниот сопруг против Путин./ МИА