На 22 октомври, во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна јубилејна 50-тата изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.
По изведбата е предвиден коктел за публиката, заедно со екипата од претставата, музика и дружење.
„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци, колективно да се иселат во ветената земја. Адаптацијата на текстот ја направија: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувственост, остава силен и препознатлив печат во претставата. Еден од најангажираните актери на тековниот репертоар на МНТ, Микиќ, зад себе има повеќе од 60 театарски улоги на матичната сцена, 25 филмски и над 10 телевизиски остварувања. За неговото долгорочно и креативно творештво е наградуван со многубројни признанија, со што ја потврдува својата значајна позиција во македонскиот театар и филм.
„Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и досега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес“. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата.“, вели актерот Александар Микиќ.
Првпат, на ваков начин, споени се книга и претстава, со идеја да се промовираат македонската култура, издавачите, авторите и драматурзите. Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекта е различен. Иако се комплементарни, сепак, нудат различно доживување.
„Колегата Микиќ ми даде да го прочитам романот на Зоран Спасов, кој ја раскажува приказната за македонската емиграција во Канада, напишан на современ и хумористичен начин, многу близок на мојот сензибилитет. Сфатив дека можеме да го транформираме романот во драмска форма и така влеговме во проектот, кој беше многу инспиративен. Со Микиќ се познаваме многу долго и лесно се поврзавме, знаевме точно што сакаме да постигнеме. Процесот на подготовки траеше еден месец и, да бидам искрен, не бев свесен дека успеавме да направиме хит-претстава, која, еве, ја доживеа и 50-та јубилејна изведба.“, вели актерот и режисер Јордан Симонов.
Оваа феноменално духовита и извонредно напишана книга, зад хуморот крие тажна приказна. Иако и книгата и претставата ги насмејуваат читателите и гледачите, пораката боли. Зборува за животот, за нас, но истовремено го поставува и прашањето: „Како дојдовме на ова дереџе? Можевме да живееме подобро, можевме да направиме подобро…“
„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт) е документаристичка стрип-проза, фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус, „водич“ за идните печалбари и тазе имигранти.“, како што вели авторот Спасов, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, документарна и есеизирана, приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот свет.
Напишана на скопски сленг, книгата нуди нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем за иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и читлив, ведар и духовит начин.
Новите „печалбари“ се академски музичари што разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – експерти за гипс-картон. Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите, зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада.
Публиката ја препозна приказната што сите ја носиме во себе – за заминувањето, за копнежот, за дилемата меѓу тука и таму. Како што вели и самиот автор – „Преку претставата и преку книгата успеавме да ја отвориме темата на еден духовит, но и болен начин и да ја задржиме живата врска со македонската публика.“
Текстот Јубилејна 50. изведба на „Торонто експрес“ во МНТ – хит претстава која зад хуморот крие тажна приказна е превземен од МАКФАКС.