На денешната седница на Советот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, се обрати со јасна и отворена порака за состојбата во која е затекнат градот и за резултатите што се постигнати во краток временски период.
При разгледувањето на Буџетот на Град Скопје за 2026 година, градоначалникот посочи дека по наследеното катастрофално финансиско и институционално наследство, Скопје денес чекори кон стабилизација, одговорно управување и реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
„Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметка на градот! Денес го носиме Буџетот за Град Скопје за 2026 година. Но мора отворено да зборуваме и за реалноста што ја наследивме, еден од најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на градот, од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. За девет месеци се реализирани приходи од 2.856.417.717 денари, што значи просек од само 317.379.746 денари месечно. И во претходните години состојбата била слична, а често и полоша“, рече Ѓорѓиевски.
„За споредба, за само 40 дена реализиравме приходи од 659.493.349 денари, речиси двојно повеќе од било кој месечен резултат во минатото.
На сметката на Град Скопје наследивме поразителни 40 милиони денари. Веќе првиот работен ден од мојот мандат не дочека извршно решение за наплата од 48 милиони денари, плус дополнителни 3 милиони денари по основ на спогодби.
Наследивме презадолжени и девастирани јавни претпријатија и културни установи. Наследивме хаос во образованието, каде со години не било направено ништо суштинско. Во овој квартален извештај се прикажани само доспеаните долгови и кредитите евидентирани во сметководството на Град Скопје. Не се опфатени недоспеаните обврски, ниту најтешкиот товар, тужбите.
Наследството од Петре Шилегов и Данела Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки. На 08.11.2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за месец септември. Тоа беше директен удар врз Буџетот на Град Скопје и врз достоинството на вработените.
Некој си поигрувал со нивните судбини“, вели градоначалникот на Скопје.
„Со ребалансот на Буџетот овозможивме сите јавни претпријатија да ги добијат заостанатите плати. Само во ЈП „Паркови и зеленило“, поради законскиот лимит, успеавме да ги исплатиме сите придонеси за платата за ноември и една и пол нето плата.
Покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, наследени беа и тековни обврски кон добавувачи во износ од 330 милиони денари. Денес тие се намалени на 236 милиони денари.
За само 40 дена направивме повеќе во образованието отколку што некои не успеале во цел мандат. Градиме спортски терени во шест средни училишта, обезбедуваме прочистувачи на воздух за секоја училница, нова ИТ опрема, смарт табли, лаптопи, нови клупи и столчиња, како и опрема за информатичките кабинети.
Обезбедивме средства за Луна паркот, проект кој со години беше само празно ветување. Обезбедивме средства и за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, обезбедивме средства за кружниот тек во Ѓорче Петров.
Ја решивме експропријацијата кај Момин Поток, интензивно продолжува изградбата на таа улица и сме во преговори за откочување на сите други проекти кои беа заглавени од претходните раководства.
Започнавме реконструкција и на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром, а предвидовме средства и за инфраструктурни проекти за многу други улици и булевари кои ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Успеавме да склучиме спогодба со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, за износ од 360 милиони денари кои ќе бидат исплатени во период од три години, како обврска за студентскиот превоз, проблем за кој претходната влада на СДСМ немаше слух.
По многу години, го исчистивме Град Скопје, а истовремено го украсуваме и му даваме новогодишен дух и новогодишна прослава каква што заслужуваат скопјани“, додаде градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Текстот Ѓорѓиевски за состојбата во која е затекнат градот: Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметка е превземен од МАКФАКС.






















