Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со големата акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“ а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини како и премиерот, Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски, останатите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација која ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во Вардариште и слично.
„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник ја започнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72 часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може. Тоа, всушност е наша обврска, за тоа граѓаните нѐ плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.
Инаку денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој кажа седницата е чин каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.
Текстот Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг е превземен од МАКФАКС.






















