Веќе постои нацрт-договор за примирје меѓу Москва и Киев сочинет од 15 точки, објави Фајненшел тајмс, повикувајќи се на извори во руско-украинските преговори. Од Кремљ кажаа дека е премногу рано да се откриваат потенцијални договори, а од Киев велат дека дел од точките што ги објави весникот се точни. Како што истакна украинскиот преговарач Михајло Подољак, една од нив е прашањето за воена неутралност на земјата.

Advertisements

Според весникот, можниот договор ќе вклучува откажување на Киев од аспирациите за членство во НАТО и воедно Украина ќе вети дека на нејзина територија нема да се распоредуваат странски воени бази или оружје. На Украина би и било наложено да задржи „ограничени“ воени сили.

За сметка на воената неутралност и откажувањето од членство во НАТО, Киев бара воено-безбедносни гаранции во случај Украина да биде нападната. И Москва бара вакви гаранции доколку од друга страна Украина нападне. Гаранциите би можеле да ги понудат САД, Велика Британија и Турција. Претходно украинските преговарачи ги споменаа и Германија и Кина, додека пак Русија и самата се понуди да биде дел од земјите кои би и гарантирале безбедност на Украина во случај на напад.

Москва инсистираше на шведски или австриски модел на воена неутралност, кој за Киев е неприфатлив. Австрија и Шведска имаат војска, но се обврзани да не се приклучуваат во воени блокови и да не учествуваат во воени конфликти. Според украинските преговарачи, потребен е „украински“ модел на воена неутралност, кој би опфаќал и дополнителни гаранции – на земјата слободно да и биде доставувано оружје во случај на конфликт и да се затвори нејзиниот воздушени простор при евентуален напад.

Според Фајненшел тајмс за точката за неутралност постои договор, но преговорите се заглавени кај руското барање за признавање на Доњецк и Луганск за независни републики.

„Разговорите за Украина продолжуваат. Моите приоритети се кристално јасни: крај на војната, безбедносни гаранции, суверенитет, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции за нашата земја, вистинска заштита на нашата земја“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Од Москва пак порачаа Киев да покаже поенергично учество во самите преговори, додека пак францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан обвини дека руската страна единствено создава впечаток дека преговара за прекин на огнот, а упорно ја продолжува офанзивата во Украина.

Лука Андреев