Растоварен сум од национални предрасуди и сметам дека секој граѓанин во нашата држава има право да бира и да биде биран, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје на коалицијата предводена од СДСМ, Петре Шилегов, на новинарско прашање во однос на ветувањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за избор на претседател на државата Албанец.
Шилегов укажа дека со именувањето на покојниот Енвер Малиќи за заменик градоначалник, покажал дека е растоварен од предрасуди и дека планира да го повтори тоа, бидејќи верува во заедништвото на скопјани.
– Скопје е град за сите, тоа го покажавме, тоа го докажавме. Јас сум градоначалник што обединува, којшто гради мостови. Не сум градоначалник којшто ги дели луѓето на вакви и онакви, ниту пак нашиот град го делам на лева и на десна страна. Скопје е град кој рамномерно се развива во изминативе четири години. Јас знам дека скопјани тоа го препознаваат и дека на тоа ќе одговорат силно на овие претстојни избори, изјави Шилегов на заедничката прес-конференција со Висар Ганиу за инфраструктурата во Чаир.