Заедно со збогатувањето на нови содржини за посетителите во изминатите 4 години расте и интересот за посети на Зоолошката градина во Скопје не само од страна на жителите на градот, туку и од многу други градови од земјата и регионот. Дино парк, фламинга, пингвини, слонови се само дел од новата понуда на Скопје ЗОО која директно придонесува за зголемениот интерес за посети кој во просек се зголеми на над 30.000 посети неделно.
„Новиот Дино парк кој се простира на површина од 2000 м2 е тематски парк од забавно-едукативен карактер кој нуди забава и едукација за сите возрасти, а најмногу за најмладата популација. Има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци. Скопскиот Дино Парк првиот на Балканот каде што има толкав голем број на фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни“, вели Шилегов.
Скопје ЗОО е побогата и за двата најегзотични и најпопуларни видови на птици – фламинга и пингвини кои за првпат се жители на нашата Зоолошка градина. Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2. Граден е по светски стандарди и со идеални услови за овие јужноамерикански пингвини кои најлесно се адаптираат на скопската клима.
„Новото живеалиште за фламингата во скопската зоолошка градина е едно од најубавите во Југоисточна Европа. Проектот опфаќа внатрешен дел од 40м2 и надворешен дел од 120м2, со езерце и посебен дел за хранење. Живеалиштето претставува една мала лагуна со многу зеленило и идеални услови за овој вод на птици. Град Скопје ја финансираше изградбата на двете живеалишта за фламинга и пингвини кои заедно чинат околу 17,7 милиони денари“, објавнува Шилегов.
Белгиските слоници Дуња и Даела во 2018 ја збогатија понудаата на Скопје ЗОО во 2018 година. Последен пат слон во градината во Скопје имало пред 26 години. За слониците Дуња и Даела изградено е ново живеалиште, со отворен и затворен дел, според најсовремените светски стандарди и според површината која ја зафаќа е едно од најголемите во скопската Зоолошка. Едната слоница е африканска, другата азиска и двете се стари по 30 години.
„Град Скопје и Зоолошка градина работат на поставување нови стандарди на квалитет и поголема благосостојба на животните. Во континуитет се работи и на едукација на посетителите, но и на облагородување на просторот со нови атрактивни содржини кои привлекуваат се поголем број посетители од кои голем дел се странски туристи“, заклучува Шилегов.