Хаосот во урбанистичкото планирање што се случува во Скопје е резултат на некадарното носење на генералниот урбанистички план во 2012 година. Ние сме сега во фаза на носење на новиот генерален урбанистички план и тоа е вистинска можност да го вратиме градот онаму каде што треба, изјави актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов, во вечерашната дебата на „360 степени“ на АлсатМ.
-Враќаме одредени вредности кои беа предвидени во генералниот урбанистички план од 2002 година и ќе спречи вакви појави. Многу битно за самиот урбанизам е што во целиот овој дел предвидуваме тешката индустрија да замине од Скопје, значи веќе Г1, како архитектонско означување „тешка индустрија“ ќе ја нема, заминува во историјата, рече тој.
Исто така, Шилегов истакна дека ќе инсистира да се избрише Јужната обиколница за да се спречи уништување на Водно и на Скопје.
-И она на што јас инсистирам како градоначалник, и во иднина, да во 2022 Јужната обиколница, онаа што го сече Водно, бидејќи на дебатава имаме претставници на политички структури коишто сакаа да пробиваат патишта низ Водно, да го спречиме, односно да ја избришеме, за истата да не биде понатаму предмет на евентуална реализација, за да се уништи повторно нашиот град, истакна Шилегов.