За многу работи кои ги внесуваме во себе, мислиме дека се здрави или барем дека не се штетни толку за нашиот организам, но вистината е дека неадекватното означување на пакувањето доведува до внесување на штетни материи.
Фосфатите се состојки кои се најзастапени во брзата и нездрава храна и кои можат да предизвикаат сериозни здравствени компликации. Но, нив ги има и во пекарските производи, колачите, месните и млечните производи, маслото, мајонезот, какаото, но и во низа други производи, а несоодветното означување може да ја наруши перцепцијата за колку е здраво тоа што го јадеме.
Преголемата консумација на фосфати влијае врз ресорпцијата на калциумот, а дури и врз отпуштање калциум од коските. Токму поради тоа, фосфатните адитиви треба да бидат адекватно означени на пакувањата на производите за исхрана.
Овие нездрави состојки најмногу можат да им наштетат на заболените од тешки бубрежни болести и значително да ја зголемат смртноста кај таквите случаи. Неодамнешната студија исто така покажа дека фосфатите ги оштетуваат крвните садови и го забрзуваат процесот на стареење.
Овие прехранбени адитиви се дозволени да се додаваат во голем број производи во исхраната. Начинот на делување на истите не е во целост разјаснет, но познато е дека фосфатите во интеракција со белковините делуваат како емулгатори и го спречуваат одвојувањето на мастите од водата, а го поттикнуваат врзувањето на водата во месните производи.