Постојаните руски напади во Украина ги интензивираа напорите за отворање на хуманитарен конвој, кој ќе им помогне на луѓето кои имаат можност со свој автомобил да го напуштат Мариупол. Во некои области на Украина се поставени хуманитарни коридори, но со исклучок на опколениот пристанишен град, кој веќе со недели е уништен од артилериски оган. Стратешкиот град од првите денови на окупацијата е опколен со Руси, без струја, гас и вода. Глетките кои доаѓаат од Мариопол се ужасни. Уништени мостови, станбени блокови срамнети со земја.
Властите соопштија дека од рускиот напад врз театарот во Мариупол, во кој биле сместени илјадници луѓе, починале 300 цивили. Минатонеделното бомбардирање остави ужасни слики – на земјата дури било напишано и „деца“ за да се предупредат руските сили за нивното присуство внатре.
Тешка е ситуацијата и во градот Харков. Утрово руските напади беа насочени кон медицински центар. Загинаа 4 цивили. Околу половина од населението во овој град кој е втор по големина во Украина е иселено. За жителите кои останаа таму снабдувањето со храна е невозможно.
Црвениот крст на Украина и другите доброволни организации се обидуваат да дистрибуираат помош до оние кои не можат да ја добијат.
„Оние што останаа овде се главно постари луѓе кои не можат да одат без нечија помош. На сите овие луѓе им требаат ќебиња и храна“, изјави Хана Спитсина, жителка на Харков
Помошта за овој град не пристигнува редовно. Последен пат помош имало пред седум дена. Бројот на загинати цивили во Украина надмина 1000. Повеќето од жртвите биле предизвикани од експлозиви, вклучувајќи ракети и воздушни напади. Меѓу жртвите има и над 130 деца. Во меѓувреме, повеќе од 3,6 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на окупацијата. /Алсат.мк
Арта Тахири