Хрватскиот државјанин кој беше киднапиран во Мали е ослободен и вратен дома, потврди министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман. Како што изјави, тој пристигнал во Сараево.

„Ова е добра вест за неговото семејство, кое го помина најтешкото, но и за сите нас во Хрватска и Босна и Херцеговина“, објави Грлиќ Радман на социјалната мрежа X.

Министерот им се заблагодари на сите институции на Република Хрватска и партнерите од Босна и Херцеговина кои учествуваа во решавањето на случајот, особено на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Дино Конаковиќ, и на вработените во Министерството за надворешни и европски работи.

Тој им се заблагодари и на хрватските амбасади во Алжир, Рим и Берлин, кои беа вклучени во дипломатските активности поврзани со ослободувањето на граѓанинот.

Грлиќ Радман потсети дека одлуката за патување во ризични подрачја останува лична одговорност, но ги повика граѓаните да ги следат препораките на Министерството за надворешни и европски работи пред да патуваат во странство.

Двајца државјани на Босна и Херцеговина, Марио Кокоруш и Марин Петровиќ, кои исчезнаа пред речиси два месеци во африканската земја Мали, се живи и здрави. Марио Кокоруш е доктор по електротехника и покрај државјанството на БиХ има и германско државјанство, а Марин Петровиќ е професор на Машинскиот факултет во Сараево и има и хрватско државјанство.

Текстот Хрватскиот државјанин киднапиран во Мали се врати дома е превземен од МАКФАКС.