Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, смета дека доаѓањето на седумкратниот шампион и возач на Мерцедес, Луис Хамилтон во австрискиот тим не е можно.
Хорнер беше прашан од медиумите за ангажирање на Хамилтон, откако шефот на Мерцедес, Тото Волф, рече дека ќе ја разбере желбата на Хамилтон да го напушти тимот доколку германскиот тим не најде начин повторно да се бори за самиот врв.
„Достигнувањата на Луис – никој не може да му парира во тој поглед. Сепак, среќни сме што нашата возачка постава ја сочинуваат Макс Ферстапен и Серхио Перез. Тие се многу посветени на оваа и на следната сезона. Не гледам како би можеле да создадеме простор за Хамилтон во нашиот тим“, изјави Хорнер.
„Убеден сум дека Мерцедес ќе ги решат проблемите со кои се соочуваат, не смееме да ги отпишеме во тековната сезона, “ рече на крај Хорнер.
По воведните две трки, Ред Бул е лидер во конструкторскиот поредок со 87 бодови, додека Мерцедес е на третото место со 38 бодови, колку што има и Астон Мартин на втората позиција. Следниот тркачки викенд е закажан од 31 март до 2 април во Австралија./Makfax/