Најмалку 13 затвореници и еден чувар загинаа, а 14 лица се повредени во жесток судир меѓу ривалски банди во затворот во градот Мачала, на југозападот на Еквадор.

Според полицијата, судирот почнал кога затворениците упаднале во едно одделение, земале чувари како заложници и убиле еден од нив. Потоа членовите на бандата „Лос Лобос Бокс“ (Los Lobos Box) нападнале ривалска група. По експлозија поставена внатре, дел од затворениците успеале да избегаат низ отвор во ѕидот, но 13 биле повторно уапсени.

За смирување на ситуацијата биле распоредени 200 полицајци и војници.

Властите го обвинија криминалниот клан „Лос Лобос Бокс“, познат по соработката со мексиканските наркокартели за шверц на кокаин преку еквадорските пристаништа кон САД и Европа. Затворите во Еквадор одамна се под контрола на банди кои ги водат своите операции дури и од внатрешноста на ќелиите.

Градот Мачала долго време бара преместување на затворот, кој се наоѓа во центарот на градот.

Поради наглиот пораст на насилство, Еквадор од една од најбезбедните држави во Латинска Америка стана една од најопасните. Овој месец САД ги прогласија бандите Los Lobos и Los Choneros за терористички организации, наведувајќи дека преку терор и брутално насилство сакаат да ги контролираат шверцерските рути.

Текстот Хаос во еквадорски затвор: Затвореници со бомба, мртви и бегство низ ѕид е превземен од МАКФАКС.