Принцот Ендрју наводно ги малтретира своите вработени, дури и фрлајќи искористени марамчиња на подот пред да им нареди на слугинките да ги соберат, открива нова контроверзна книга. Во делото „Успон и пад на Јорк“ од авторот Ендрју Лауни, војводата од Јорк е опишан како „страшен“ кон сите кои работат за него, додека новата документарна серија на Channel 5, „Ендрју и Ферги: Војводата и војвотката во изобилство“, открива уште шокантни детали од животот на контроверзниот член на кралското семејство.

„Ендрју е особено ужасен кон персоналот; изгледа дека не ги гледа како обични луѓе“, вели писателот.

„Се однесува со нив како со подредени на кои може да им командува. Мислам дека е многу нарцисоиден и сè се врти околу него“, додава тој.

„Ќе го повика својот чувар да му ги собере топчињата за голф откако ќе ги удри, ќе повика слугинки од четири ката пониско за да му ги отворат завесите. Ќе фрли искористени марамчиња на под и ќе очекува луѓето да ги соберат“, објаснува тој, пренесува „Мирор“.

Документарецот во траење од 90 минути, емитуван во саботата, ги истражува животите на Ендрју и неговата поранешна сопруга Сара Ферган, со посебен осврт на нивниот однос, контроверзните врски со Џефри Епстајн и луксузниот животен стил.

Во него се додава: „Ендрју не се огласи по повод новите тврдења за неговото однесување кон персоналот“.

Ендрју се повлече од јавните должности во 2019 година поради аферата со неговото пријателство со Епстајн. Иако повеќе не е активен член на кралското семејство, повремено се појавува на семејни настани, а годинава присуствуваше на традиционалната велигденска служба со кралот и другите членови на семејството во капелата „Свети Ѓорѓи“ во Виндзор.

Претходно имаше тврдење дека побарал преместување на еден вработен бидејќи „не му се допаѓал младежот на неговото лице“. Кралскиот автор Том Квин за Times изјавил: „Точно е дека некои членови на кралското семејство знаат да покажат лош темперамент. Еден поранешен службеник се присети дека принцот Ендрју инсистирал еден член на персоналот да биде преместен бидејќи не му се допаѓал младежот на неговото лице“.

Авторот додал: „Еден поранешен службеник дури побарал еден маж да биде префрлен на други должности поради вратоврската“.

Принцот Ендрју претходно бил опишуван како „многу тежок“ за работа, а персоналот дури се обидувал да го избегне. Пол Барел, поранешен батлер на кралското семејство, изјавил во документарецот: „Луѓето се обидуваа да го избегнуваат принцот Ендрју бидејќи беше многу тежок. Секогаш беше бомбастичен, викаше и пцуеше, што не се очекува од член на кралското семејство“.

 

Текстот „Фрла искористени марамчиња на подот, па им наредува на слугинките да ги соберат“: скандалозно однесување на член на кралското семејство е превземен од МАКФАКС.