Во новата истрага на американскиот деловен магазин Форбс се откри новата игра на старите велешки мајстори. Операцијата овојпат е свртена кон водење Фејсбук страници и групи полни со содржини поврзани со американскиот патриотизам. Целта на овие страници и групи е да предизвикаат каква било интеракција со нивните содржини, феномен познат како „фарми на кликови“. Заради кликбејт природата на објавите, како мамка ќе го привлече вниманието на корисниците и што повеќе луѓе ја видат и имаат интеракција со содржината, толку повеќе реклами им се прикажуваат и повеќе се платени кога ќе се кликне на некои од нивните линкови, пишува „Вистиномер“.
Пишува: Матеј Тројачанец
Сторија нa познатиот aмерикански бизнис магазин Форбс пишува за повторна појава содржини на теми поврзани со актуелната политика во САД, но со потекло од Северна Македонија, налик на поранешните велешки „пропаганднисти“, чии портали на англиски јазик во 2016 година објавуваа содржини блиски до конзервативците во САД и во поддршка на тогашниот претседателки кандидат, а потоа и претседател, Доналд Трамп. Овојпат, наместо веб-сајтови полни со лажни вести, чии содржини беа споделувани на социјалните мрежи, сега операцијата им е свртена исклучиво кон Фејсбук страници и групи каде темите не беа директно околу Трамп или претстојните претседателски и конгресни избори во ноември, туку за американскиот патриотизам.
Според Форбс, на Фејсбук може да се најдат повеќе од сто страници со имиња како Proud American (Горд Американец), Proud To Be An American (Горд што сум Американец), American Story (Американска приказна) и We Are America (Ние сме Америка) што ги водат корисници од С. Македонија.
Како што се наведува во написот, за разлика од веб-сајтовите, содржината на овие групи и страници не е таква што евоцира бес, огорченост или страв кај читателите, особено на политички горливи теми. Напротив, содржините се стремат да изнудат некакво чувство на патриотска гордост, со тоа што се споделуваат неверојатни (некогаш и лажни или непостоечки) приказни во кои неретко има слики и мемиња генерирани со помош на вештачка интелигенција (ВИ):
[Во] објавите се споделуваат молитви за американски војници, препишани твитови, мемињата и слики на старите холивудски пин-ап девојки и се додаваат на написи генерирани од ВИ, според кои „фармерите со кликови“ можат да продаваат реклами. Насловите како „Посветените пожарникари ги ризикуваат своите животи за да ги спасат другите“ и „Херојството на еден татко: Трагичната приказна за Фил Делегрејзи и неговиот син Ентони“ се задеваат со кратки, неинформативни написи на веб-локации често прекриени реклами за секс, пишува во написот на Форбс.
Крајната цел на овие страници и групи е да предизвикаат каква било интеракција со нивната содржина, феномен познат како „фарми на кликови“. Економската логика на виртуелните „фарми“ е со што е можно помалку напор и време да се создаде ниско квалитетна, но бомбастична содржина, што како мамка ќе го привлече вниманието на корисниците. Што повеќе луѓе ја видат и имаат интеракција со неа, толку повеќе реклами им се прикажуваат и повеќе се платени кога ќе се кликне на некои од нивните линкови.
Тука нужно се поставува прашањето, зошто баш се „продава“ американски патриотизам наместо нечиј друг. Форбс објаснува дека „во светот на маркетингот, американските кликови се едни од највредните.“ Поточно, огласувачите на реклами трошат многу повеќе средства на западните пазари, особено во Америка и имаат многу прецизно изработени реклами за специфични целни публики. Што пософистицирани се рекламите, шансата некој да кликне на истата е поголема.
Осум години системски измени
Како што нам ни е веќе многу добро познато, во 2016 имаше купишта веб-страници што споделуваа сензационалистички и про-Трамп дезинформации кои беа регистрирани од Македонци што живеат во Велес. Но, во изминатите осум години, особено по настаните на 6 јануари т.е. нападот на американскиот Капитол, Мета (сопственикот на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Вацап и Тредс) и Гугл (сопственикот на ЈуТјуб) ги заострија своите политики кому доделуваат пари од рекламирање. Прво, Гугл и Фејсбук во заеднички напори решија фејк и неавтентични веб-сајтови да не видат ќар од рекламите. Но, Фејсбук, исто така, направи промени во својот алгоритам, така што корисниците ќе бидат помалку изложени на политички содржини. Резултат на ова беше системско укинување на финансиските придобивки од одржување на овие сајтови и нивното следствено гаснење.
И покрај напорите на овие два технолошки гиганти, македонските креатори, заедно со други креатори од различни земји, се прилагодија на новите правила на игра. Во истрагата на Форбс, тие идентификуваа 67 Фејсбук страници што комбинирано имаа повеќе од 9 милиони следбеници. Половина од креаторите на страниците потекнуваа од С. Македонија, а останатите беа распослани низ 23 различни земји, вклучувајќи ги Канада, Франција, Мароко, Венецуела и Виетнам.
Во разговор со Џеф Ален, коосновач на Институтот за интегритет и поранешен истражувач во Фејсбук, кој ги следел мрежите на спам-страници, Форбс пишува:
[Ален] забележал операција со седиште во Тајланд која таргетираше политички страници кон публиката во Мјанмар. Тие „ќе се појават и ќе излезат да бидат [платеници] за изнајмување за политички кампањи“, рече тој. „Но, кога не беше сезона на политичка кампања, страниците ги водеа истите операции, само што самите си заработуваа пари“.
Со други зборови, преку креирање на содржина примамлива за публиката, ваквите Фејсбук страници собираат следбеници и креираат некаков имиџ пред публиката. А, потоа, кога ќе имат доволен моментум и ќе се погоди соодветното време (како, на пример, за време на предизборни кампањи), администраторите се платени да креираат и споделуваат таргетирани политички содржини. Воедно, тие целат да влијаат на својата публика, но и да ја отежнат работата на истражувачите и другите организации кои се справуваат со дезинформациите на социјалните мрежи.
Но, има и други страници кои користат поинакви тактики. На пример, една страница водена од Косово, наречена Animals News America, објавувала кликбејт содржина слична, а во некои случаи и идентична, со онаа на други патриотски страници. Меѓутоа, на страницата редовно се објавуваа и слики од мачиња и кученца, користејќи стратегија на други познатите ширачи на дезинформации како Џозеф Меркола.
Извор: Мета