Влегувањето во ЕУ ќе биде најголема победа за Украинците, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур.
Таа зборуваше во пресрет на состанокот на Европскиот совет во Брисел утре и в петок, кога ќе се разговара и за проширувањето на ЕУ.
Фон дер Лајен, времето од почетокот на руската инвазија на Украина, го нарече „две болни години“.
-Се сеќаваме на сета болка што (рускиот претседател Владимир) Путин со енергетските уцени им ја нанесе на невините Украинци, како и на Европејците. Во овие мрачни денови, имаше светлина и во храброста на украинскиот отпор, во радоста на ослободените од руската окупација, во симпатиите на целиот европски континент со украинското општество. Европа остана обединета, Украина се спротивстави и затоа што Европејците ги отворија своите срца и домови, поради европската финансиска и воена помош, посочи таа.