Уште два нови случаи на пертусис се евидентирани во Куманово, соопштија денеска од Центарот за јавно здравје Куманово. Четиримесечно бебе и шестгодишно дете се двата нови случаи на пертусис, лабораториски потврдени заклучно со петок, од минатата недела. Вкупно во ЦЈЗ има осум случаи, седум во Куманово и еден во Крива Паланка. Двете деца се на домашно лекување со терапија.
Новороденчето е потврдено во микробиолошката лабораторија, каде веќе почнато со тестирање за предизвикувачот на болеста. Детето е ученик во основно училиште и посетува целодневен престој ама е отсутно од 8 март. Четиримесечното бебе е вакцинирано со една доза, согласно календарот на имунизација. Детето е вакцинирано со три дози. Дадени се епидемиолошки препораки за објектот, изјави доктор Едита Рамизи од Центарот за јавно здравје Куманово.
Од вакциналниот пункт на Здравствен дом Куманово информираат дека од средината на јануари досега со ДиТеПер вакцина имунизирани се 1.260 деца.
Вакцинираме многу дечиња, кои се на возраст и четири-пет години имаше дечиња и од шест години кои или беа дојдени за ревакцина, а некои и за прва или втора доза. Се надевам дека ова ќе биде добар пример за сите родители кои испуштиле или воопшто не ги вакцинирале своите дечиња, изјави началник на одделот за вакцинација, д-р Валентина Богоевска Димитриевска.
Посебно интерес за вакцинација пројавиле родителите на деца кои посетуваат градинка, дел од нив барале да се скрати времето на примање ревакцина. Покрај ДиТеПер, расте интересот и за МРП вакцина, бидејќи веќе во регионот и соседните држави има заболени од морбили. Во Куманово, поразителен е опфатот на вакцинирани деца со оваа вакцина.
Лекарите советуваат родителите да ги проверат вакциналните картони и навреме да ги имунизираат децата за да не се враќаат исчезнатите болести, токму како голема кашлица.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.