За седум дена две основни училишта во Србија забранија користење на мобилни телефони за време на наставата.
Училиштата донесоа ваква одлука поради забелешките на наставниците дека телефоните им пречат на децата, им го одвлекуваат вниманието од наставата и затоа што, како што наведуваат, имаат се повеќе проблеми да ги контролираат учениците кои играат игри, снимаат или се допишуваат за време на наставата.
Психолојогот Бранка Тишма, денеска рече дека забраната за телефони за време на часовите е еден од начините да се обезбеди поквалитетна настава.
„Тоа не е алтернатива, тоа е една од процедурите што ги преземаат училиштата за да обезбедат поквалитетна настава и наставниците да имаат можност да го градат наставниот процес, со учество и концентрација што треба да ја имаат децата“, посочува Тишма.
Таа додава дека има и друг вид на злоупотреба, односно снимање на наставник или ученик, како и предизвикување ситуации во кои реагира наставникот или другите деца и дека овие снимки се ставаат во различни контексти и се објавуваат „многу провокативно“ на социјалните мрежи.
Психологот вели дека кога ќе го „извадите“ она што го одвлекува вниманието од часовите, концентрацијата ќе биде подобра, презентираните содржини ќе бидат поквалитетни, а учениците ќе учествуваат поактивно на часот.
Таа посочува и дека е важно кога ќе се воведе забраната за користење телефони во училиштата, да не биде прекршена ниту од директорот, наставниците или родителите.