Украинскиот боксер Олександар Усик изјави дека му преостануваат уште две борби во кариерата и дека сака да се соочи со победникот од дуелот меѓу Даниел Дубоа и Џозеф Паркер.

Непоразениот светски шампион во тешка и крузер категорија успеа да ги обедини сите четири главни титули во тешка категорија со победата над Тајсон Фјури во мај минатата година.

Набргу, поради правилата, остана без титулата во верзијата на ИБФ, но другите три ги одбрани со вториот триумф против Англичанецот во декември минатата година.

Од друга страна, Дубоа појасот на ИБФ ќе го брани против Паркер, а победникот би можел да се соочи со Усик за титулата неприкосновен шампион во тешка категорија.

„Ќе се борам со победникот од мечот Дубоа-Паркер, нема проблем. Мислам дека ми остануваат уште една и пол или две години во рингот, значи две борби. Се чувствувам навистина одлично“, изјави освојувачот на златниот медал на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

Дубоа сака да му се одмазди на момчето од Крим за поразот што му го нанесе со нокаут во август 2023.

„Постојано работам на себе, станувам се подобар и подобар. Велат дека напредуваш кога освојуваш светска титула, чувствувам дека токму тоа ми се случува во моментов. Подготвен сум да докажам дека можам да го победам секој што ќе ми застане на патот“, изјави самоуверениот Дубоа, додавајќи накратко:

„Сите некогаш мораме да пораснеме. Сакам реванш“.

Даниел Дубоа (22-2) го освои појасот на ИБФ со технички нокаут против хрватскиот борец Филип Хрговиќ, а титулата ја одбрани против Ентони Џошуа.

Текстот Усик: Уште две борби и ќе се пензионирам е превземен од МАКФАКС.