Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ многу се инвестираше во изминатите четири години и направивме добар план, инвестиција од Министерството за здравство и донаторите на кои сакам да им изразам голема благодарност, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција при посетата во гинеколошката болница во Чаир, откако неделава беше пуштен во употреба целосно реновираниот ургентен центар.
Филипче потенцира дека реновираниот ургентен центар е опремен по сите европски стандарди.
Денеска сме тука бидејќи сакаме да означиме нешто што сметам дека е многу важно и многу значајно во делот на гинеколошко-акушерските сервиси на ниво на државата, имајќи предвид дека оваа болница Гинеколошко-акушерска болница во Чаир е позната и по своето реноме и по својата експертиза, по луѓето коишто работат тука. Благодарение на овој целиот координиран систем на донација за надградба на оваа болница и инвестицијата од Министерството за здравство, благодарение на лидерството, на директорот д-р Исмаили, на целокупниот тим којшто тука работи, сега можеме слободно да кажеме дека во болницата во Чаир целосно се реновирани операционите сали, делот за интензивна нега, мониторинг современ за жените кои се породуваат, оној централен мониторинг на сите параметри, целосно реновирани амбуланти со нова опрема и зголемување на степенот на квалитет којшто се дава во делот на интензивната нега на новородените. Тоа сега е таканаречен степен А, изјави министерот.
Филипче оцени дека на овој начин е подигнато нивото на опременост на болницата, како и дека со целосната гасификација повеќе ги нема црните чадови, коишто го загадуваа воздухот.
Уште еднаш благодарност до донаторите, уште еднаш да му честитам на директорот за енергијата и визијата која ја имаше изминатиот период. Резултатот е видлив, близу четири илјади раѓања годишно во оваа болница и тие учествуваат исто како и другите институции во делот на намалувањето на новороденечката, раната неонатална и доенечката смртност, рече министерот.
Филипче потенцира дека кога се децата во прашање треба постојано да се унапредува здравствената заштита и воедно изрази надеж дека ќе продолжат ваквите инвестиции и во иднина.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.