Командантот на украинските копнени сили очекува 26-месечната војна со Русија да влезе во клучна фаза во следните два месеца, бидејќи Москва се обидува да ги искористи доцнењата во испораката на оружје за Кијив.
„Русија знае дека ако добиеме доволно оружје во рок од еден месец или два, ситуацијата може да се сврти против нив“, изјави генералот Олескандер Пављук во интервју за списанието „Економист“ објавено вчера.
Американските резерви на оружје беа забавени со месеци бидејќи предложениот пакет помош од претседателот Џо Бајден е закочен поради несогласувањата во Конгресот. Мерката беше донесена кон крајот на минатиот месец.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека на Украина сè уште и треба „навремена“ идна испорака на клучните оружја.
Интервјуто на Пављук му претходеше на вчерашниот руски напад врз областите на североисточниот регион Харкив.
„Економист“ пишува дека Пављук верува оти Москва ќе остане фокусирана на нејзиниот бавен напредок низ регионите Луганск и Доњецк на исток. На Украина и треба поголема противвоздушна одбрана, рече тој, и ќе добие поттик од предвидената испорака на борбени авиони Ф-16.
„Русија ја тестира стабилноста на нашите линии пред да го избере најсоодветниот курс“, нагласи Пављук.
Руските сили зазедоа голем број села на исток откако го зазедоа градот Авдијевка во февруари.
Пављук, исто така, изрази верување дека треба повторно да се стави фокус на Кијив, каде што руските сили се повлекоа на почетокот на инвазијата, откако првично се обидоа да напредуваат кон главниот град, пишува Украински национални новини.
„Одбраната на Кијив останува една од нашите главни грижи, без разлика колку се тешки работите на исток. Тоа е срцето на Украина и знаеме дека одбраната на главниот град ќе игра клучна улога во иднина“, истакна генералот.
Г. Т.