Украина е подготвена да потпише договор за минералите со САД и тоа би можело да го направи подоцна денеска, изјави извор од украинската влада за Ројтерс.
„Мислам дека договорот би можел да биде потпишан можеби доцна навечер“, рече изворот.
Украинските власти се надеваат дека потпишувањето на договорот што го промовираше американскиот претседател Доналд Трамп ќе помогне да се зајакне американската поддршка за Киев во војната предизвикана од руската инвазија пред повеќе од три години.
Првиот вицепремиер на Украина Јулија Свириденко патува во САД за да го потпише договорот, додаде извор од украинската влада.
Двете страни потпишаа меморандум на 18 април како прв чекор кон постигнување договор за експлоатација на минералните суровини во Украина. Во меморандумот велат дека имаат намера до 26 април да ги завршат преговорите и што поскоро да го потпишат договорот.
Два дена подоцна, украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека Киев и Вашингтон се договориле претходната американска помош за Украина да не биде вклучена во договорот за минерали. За време на патувањето во САД минатата недела, Шмихал се состана со американскиот секретар за финансии Скот Бесент и рече дека има добар напредок во врска со договорот.
Шмихал, исто така, рече дека Киев јасно ги дефинирал своите граници во договорот, имајќи ги предвид обврските на Украина во Европа и украинските закони.
Текстот Украина: Подготвени сме денеска да потпишеме клучен договор со Америка е превземен од МАКФАКС.