Одговорот на Кина на новите американски царини може да го отежне снабдувањето со важни лекови, покажа анализата на Ројтерс на податоците од кинеските регулатори.
Пред околу две недели, американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителна „реципрочна“ царина од 34 отсто за увозот од Кина, со што вкупните давачки ќе достигнат 54 отсто.
Кина возврати со царини од 34 отсто на американскиот увоз, а Вашингтон одговори со уште повисоки давачки.
Ескалацијата на американско-кинескиот трговски конфликт резултираше со зголемување на кинеските царини за американски стоки на 125 отсто, а американските царини за кинеските производи на 145 отсто.
Големите фармацевтски компании, вклучувајќи ги AstraZeneca, Sanofi, GSK и Eli Lilly, имаат најмалку една производна локација во САД за лекови што ги продаваат во Кина, покажаа податоците од кинеската Управа за медицински производи.
Во погон во американската сојузна држава Индијана, AstraZeneca го произведува лекот за рак „дурвалумаб“, а Eli Lilly таму го произведува лекот за дијабетес и слабеење „тирзепатид“, покажуваат податоците.
Американската држава Северна Каролина е наведена како локација каде AstraZeneca и Sanofi го произведуваат антителото nirsevimab за превенција на респираторниот синцицијален вирус (RSV). Погонот што го произведува лекот за ХИВ на GSK со активни состојки ламивудин/долутегравир исто така се наоѓа таму. Податоците што ги анализира Ројтерс не прецизираа колкав дел од лековите произведени во фабриките во САД се испорачуваат во Кина.
Како одговор на истрагата на Ројтерс за кинеските тарифи и нивните ефекти, портпаролот на Eli Lilly рече дека тие „сè уште ги разгледуваат деталите“, одбивајќи да коментира дополнително.
Ниту AstraZeneca ниту GSK не сакаа да ги коментираат кинеските тарифи, а Sanofi не одговори на барањето на Reuters за коментар. Експертите предупредуваат дека кинеските царини за американските производи може да доведат до зголемување на цените или ограничување на набавката на некои лекови.
„Пациентите и потрошувачите во Кина, исто така, би можеле да ги почувствуваат ефектите од тарифите, во зависност од производот, бидејќи производството на лекови не може да се премести на краток рок“, рече Ерик Јандраситс, шеф за трговски работи во швајцарското деловно здружение за фармацевтска и биотехнологија Scienceindustries.
Текстот Трговската војна меѓу САД и Кина може да го попречи глобалното снабдување со лекови кои спасуваат животи е превземен од МАКФАКС.