Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе им се предаде на властите на сојузната држава Џорџија во четврток за да се соочи со обвиненијата во случајот во кој е обвинет за мешање во изборните резултати на изборите во 2020 година.
„Можете ли да поверувате? Ќе одам во Атланта, Џорџија во четврток за да бидам уапсен“,
напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social во понеделникот вечерта.
Објавата на Трамп дојде неколку часа откако неговите адвокати се сретнаа со обвинителите во Атланта за да разговараат за деталите за неговото ослободување со кауција во износ од 200 000 долари.
Од канцеларијата на округот Фалтон соопштија дека кога Трамп ќе се предаде ќе има големо обезбедување и ограничување на областа околу главниот окружен затвор. Пред судот се подигнати барикади пред очекуваното предавање на Трамп оваа недела, јави Би-би-си.
Експретседателот на САД се соочи со четврта кривична пријава откако големата порота во Џорџија го обвини за обид да влијае на изборите во 2020 година, на кои беше поразен од демократот Џо Бајден.
Обвиненијата, поднесени од окружната обвинителка на САД, Фани Вилис, се најнови правни проблеми за Трамп, фаворит во трката за претседателска номинација на Републиканската партија во 2024 година. Обвинителите истакнаа 11 точки од обвинението против Трамп и неговите соработници, вклучително и фалсификување и рекетирање, кои вообичаено се користат против членови на организирани криминални групи.
Случајот се заснова на телефонскиот повик на Трамп на 2 јануари 2021 година со највисокиот изборен функционер во Џорџија, Бред Рафенспергер, барајќи од него да „најде“ доволно гласови за да го поништи неговиот тесен пораз во државата, што Рафенспергер одби да го направи.