Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа се закани дека „лоши работи“ ќе му се случат на Авганистан ако САД не ја вратат контролата врз воздухопловната база Баграм и одби да ја исклучи можноста за испраќање трупи за повторно заземање на таа база, објави Ројтерс.

„Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние што ја изградија, Соединетите Американски Држави, ќе се случат лоши работи!“, напиша Трамп во објава на Truth Social.

Трамп претходно изјави дека САД се обиделе да ја вратат контролата врз базата што ја користеле американските сили по нападите од 11 септември 2001 година.

Во петокот, тој им рече на новинарите дека разговара за ова со Авганистан. Повлекувањето на американските сили во 2021 година доведе до преземање на американските бази од страна на Талибанците и соборување на владата во Кабул, која е поддржана од САД. Авганистанските власти изразија противење на враќањето на американското воено присуство.

Сегашни и поранешни американски функционери приватно предупредуваат дека повторното освојување на базата Баграм во Авганистан би можело да изгледа како нова инвазија на земјата, за што би биле потребни повеќе од 10.000 војници и распоредување на напредни противвоздушни системи, пишува Ројтерс.

На вчерашното прашање дали ќе испрати американски трупи да ја преземат базата, Трамп одби директно да одговори, велејќи: „Нема да зборуваме за тоа“.

„Сега разговараме со Авганистан и го сакаме назад, го сакаме назад наскоро, веднаш. А ако не го сторат тоа – ако не го сторат тоа, ќе дознаете што ќе правам“, им рече тој на новинарите во Белата куќа.

Пространиот аеродром беше главната база на американските сили во Авганистан за време на дведецениската војна што следеше по нападите на 11 септември 2001 година во Њујорк и Вашингтон од страна на Ал Каеда.

Во базата некогаш се наоѓале ресторани за брза храна како „Бургер Кинг“ и „Пица Хат“ за американските војници, како и продавници во кои се продавало сè, од електроника до авганистански теписи. Таму се наоѓал и голем затворски комплекс.

Експертите велат дека воздухопловната база на почетокот би било тешко да се обезбеди и дека за нејзино функционирање и заштита ќе биде потребна огромна работна сила.

Дури и ако Талибанците прифатат враќање на САД во Баграм по преговорите, базата ќе треба да се брани од бројни закани, вклучувајќи ги и борците на Исламска држава и Ал Каеда во Авганистан. Исто така, таа ќе биде ранлива на закана од напредни ракети од Иран, кој нападна голема американска воздухопловна база во Катар во јуни откако САД извршија напади врз нуклеарните постројки на Иран.

Текстот Трамп му се закани на Авганистан е превземен од МАКФАКС.