Рудникот Бучим потврди дека двајца алпинисти ангажирани за чистење во силосите на рудникот загинале во несреќа. Полицијата и обвинителството во моментот вршат увид. Жртвите најверојатно се поклопени со земја поради што се задушиле.
Соопштението на Бучим е во продолжение.
Денеска во 11:43 часот, во рудникот за бакар “Бучим” ДОО Радовиш, во работната единица флотација се случи несреќен случај, при што две лица се починати.
Починатите лица се подизведувачи од Алпинистички клуб ПЛОЧА – Радовиш, ангажирани за извршување работни задачи – чистење на високо недостапни силоси. На лице место на несреќата, медицинскиот персонал на Бучим веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и лицата се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт.
Известени и повикани се на лице место сите надлежни органи што се бараат со закон во таков случај за извршување на увид. По првична информација од службите, причината за смртта на двете лица е задушување. Формирана е и комисија која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај во согласност со сите законски барања.
Резултатите од истрагата ќе бидат дополнително соопштени. “Бучим” ДОО Радовиш го искажува своето искрено сочувство до семејствата на починатите лица“ стои во официјалното известување од рудникот „Бучим“.