Терминалот 4 на аеродромот Хитроу беше евакуиран вечерва по инцидентот што пожарникарите првично го опишаа како „можен инцидент со опасни материјали“. По неколкучасовна интервенција на полицијата, пожарникарите и службите за итни случаи, терминалот беше прогласен за безбеден и повторно отворен.

Инцидентот беше пријавен околу 17 часот по локално време, а единици од Фелтам, Хитроу, Вембли и околните противпожарни станици беа испратени на местото на настанот. Патниците беа евакуирани од салата за пријавување на летот на растојание од околу 150 метри од зградата, а сведоци раскажаа како тимови во заштитни одела пристигнале на местото на настанот и биле поставени паравани за заштита на приватноста.

Еден патник, Пол Скот, изјави за Скај њуз дека штотуку се пријавил кога започнала евакуацијата. „Атмосферата беше мирна, но сите бевме збунети бидејќи никој не знаеше што се случува. На луѓето им беа дадени алуминиумски ќебиња бидејќи стануваше ладно“, рече тој.

Лондонската служба за брза помош потврди дека на местото на настанот била укажана лекарска помош на околу 20 лица поради пријавени здравствени проблеми. Сепак, Метрополитен полицијата соопшти дека „не е пронајдена никаква трага од штетна супстанца“.

„Вкупно 20 лица пријавија здравствени проблеми, но ниту една од повредите не е опасна по живот, ниту има трајни последици. Истрагата е во тек“, соопшти полицијата.

Аеродромот Хитроу потврди околу 18:40 часот дека салата за пријавување во Терминал 4 е затворена, а кратко по 20 часот терминалот е прогласен за безбеден и повторно отворен.

„Многу ни е жал за предизвиканиот прекин, безбедноста на патниците и персоналот е секогаш наш врвен приоритет. Правиме сè што можеме за да осигуриме дека вечервашните летови ќе полетаат според планот“, соопшти аеродромот, додавајќи дека другите терминали не биле погодени за време на инцидентот.

фото: принтскрин

Текстот Терминал на лондонскиот Хитроу евакуиран поради „опасни материјали“ е превземен од МАКФАКС.