Протестот на ветераните на Ослободителната војска на Косово ескалира откако дел од демонстрантите влегоа во дворот на Собранието на Косово. Протестот беше организиран во знак на незадоволство поради нивното неинволвирање со зголемувањето на минималната плата. Гласањето за предлог-законот, сепак, не успеа поради немање кворум.

Advertisements

Според полицијата, двајца полицајци биле повредени за време на протестот, а еден граѓанин побарал лекарска помош, поради солзавец.

„Ние бевме игнорирани од институциите во земјава и бевме принудени да го изразиме своето незадоволство во знак на протест. Ќе продолжиме со протестите додека не бидат прифатени нашите барања“, рече Фатон Клинаку, В.Д претседател на ОВВ-ОВК.

Според Законот за бранители, висината на пензија на ветеран на ОВК не може да биде помала од минималната плата утврдена со закон во Косово, која е од 130 до 170 евра, во зависност од возраста. Но, предлог-законот што го одобри Владата на Косово за покачување на платите не вклучува зголемувањето на пензиите на ветераните.

„Сите вистински ветерани заслужуваат многу подостоинствен третман отколку што имале досега. Но, верувам дека ќе дојдеме до решение и ќе ги подобриме условите за сите“, рече Мимоза Кусари Лила, шеф на пратеничката група на Самоопределување.

Опозицијата рече дека протестот на ветераните е исправен и дека предлог-законот е дискриминаторски.
„Дали ветераните не правеле доволно за оваа земја? „Се што уживаме денес е токму заслуга на ветераните, воените инвалиди“, рече Рашит Калај, ДПК.

Алсат