Семејствата на двете австралиски тинејџерки кои починаа од сомнително труење со метанол во Лаос, ја коментираа веста дека осум лица се приведени за време на полициската истрага за случајот.

Бјанка Џонс и Холи Боулс, и двете 19-годишни, беа меѓу шесте странски туристи кои загинаа откако наводно консумирале токсична супстанција која често се додава во шверцуваниот алкохол.

Останатите четири жртви беа идентификувани како Симон Вајт, 28-годишна адвокатка од Обединетото Кралство; Џејмс Луис Хатсон, 57-годишен Американец; и Ен-Софи Оркилд Којман (20) и Фреја Венервалд Соренсен (21) од Данска. Хатсон беше пронајден мртов во неговата соба во хостелот на 13 ноември, со неколку празни чаши во близина. Истото утро, Ен-Софи Оркилд Којман и Фреја Венервалд Соренсен исто така беа пронајдени во несвест во нивните соби и итно пренесени во локалната болница.

Телата на Австралијките беа вратени во Мелбурн во вторникот вечерта, во придружба на нивните семејства.

„Ужасно ни недостасуваат нашите ќерки. Ми олесна кога знам дека има напредок во Лаос – не можеме да дозволиме нашите девојки да умираат и трагедии како оваа продолжуваат да се случуваат“, рече Марк Џонс, таткото на Бјанка Џонс, пред новинарите.

Говорејќи на аеродромот во Мелбурн, Џонс ја повика владата на Лаос да „продолжи да истражува“, додавајќи дека семејствата ќе се обидат „да ја подигнат свеста за опасностите од труење со метанол“.

Приведени се осум лица, а се работи за вработени во хостелот „Нана Бакекерс“ каде што биле сместени сите жртви, јавуваат локалните медиуми. Сопствениците на хостелот, кој сега е затворен, претходно ги негираа тврдењата дека служеле нелегален алкохол.

Текстот Телата на девојките кои починаа од сомнително труење во Лаос пристигнаа во Австралија е превземен од МАКФАКС.