Нова опрема, прераспределување на простор за поголема достапност на пациентите, вложувања во здравствен кадар, се приоритети на кои ќе се посвети доктор Стефан Трајановски кој од неодамна е назначен за директор на кумановската општа болница.
Тој на денешната прес-конференција најави дека ќе се вложи целосно во разрешување на проблемите на установата која нуди здравствена услуга на шест општини од североистокот и се наоѓа на крстосница помеѓу двата коридори.
– Мојата цел ќе биде подобрување во однос на организациската поставеност и нарушувањето во однос на кадровскиот потенцијал и просторниот потенцијал на пример разрешување а простор за амбулантска дејност, да се стават во функција на пружање на поквалитетна здравствена услуга. На пример не може да се искористи простор на старо АТД. За за доградување проширување е потребна помош од централната власт, изјави Трајановски.
Горлив проблем за болницата е службата за анестезија, најмладиот од нив е 60 години. Во моментов има лекари на специјализација, но Трајановски стравува дека може да се јави период да има недостиг на анестезиолози. Службата како што појасни е клучна не само за функционирање на хируршкото одделение, туку и за реанимација. Алармантен е бројот на рендгенолози, има само тројца.
– Се има решение, ќе решаваме и ќе се бориме. Се надевам дека министерот и ресорното министерството се свесни дека кумановската болница не е само регионална туку се наоѓа на крстопат помеѓу двата коридори од европско значење, 10 и 8. Што значи дека кумановската болница мора секогаш да биде подготвена за масовен примен на повредени, трауматолошкиот дел мора да биде на високо ниво. Општа болница е од посебно значење за државата. Македонија мора да е свесна за потребите и значењето на болницата, кажа Трајановски.
Тој потсети и на мигрантската криза која беше предизвик за болницата која поради поставеноста на влезот во државата, помеѓу двата коридори 8 и 10 што дополнително бара вложувања, инвестиции не само во опрема, туку пред сè во човечки потенцијал, здравствен кадар кој може да одговори на потребите на пациентите кои минуваат тука, од кои едниот 10, во моментов е во полн ек и интензивно оптоварен.
Трајановски додаде дека до крајот на годинава со сегашниот буџет ќе обезбеди поквалитетна здравствена услуга на сограѓаните, организација на како што рече „одредени просторни промашувања“ да ја уреди со поголема достапност за пациентите.
– Во иднина имам за цел да донесам магнетна резонанца и друга опрема. Но, потребно е да се вложува во здравствен кадар, додава новиот директор кој ја презеде функцијата од досегашната директорка Биљана Ивановска.
Трајановски ќе продолжи да работи како ортопед, бидејќи само двајца се во болницата и поднел барање до Министерството да продолжи со дејноста, бидејќи работат на хируршките дејности.
Општа болница покрива територија на шест општини од североистокот и обезбедува секундарна здравствена заштита за Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце со приближно 200.000 граѓани.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.