Словенечката влада во текот на денот ќе одржи консултации во насока на ублажување и приспособување на рестриктивните ковид-мерки откако бројот на новозаразени со коронавирус во Словенија почна да опаѓа.
Словенечките епидемилози денеска регистрираа 7 122 нови случаи на ковид-19, додека седумдневното ниво на зараза за еден ден падна на 6 735. Во болниците има 794 пациенти, од кои 137 се на одделенија за интензивна нега. Во последните 24 часа во Словенија починале 18 пациенти.
Поради ваквиот тренд, министерот за здравство Јанез Поклукар попладне ќе има средба со епидемиолозите и други здравствени работници, на која ќе биде даден предлог до владата која, пак, треба на редовната седница в четврток да ги приспособи рестриктивните мерки на новонастанатата состојба.
Според тамошните медиуми, ублажувањето на мерките првенствено би се однесувало на места каде што има краткотраен контакт и помало пренесување на заразата, додека рестрикциите во здравствените, социјалните и образовните институции ќе останат ригорозни. Можно е и укинување потребата од прикажување ковид-сертификатите за влез во продавниците, каде што ќе бидат потребни само заштитни маски, а ќе се ублажат и мерките за настани на отворено, пренесуваат словенечките медиуми.
Олеснетите мерки се очекува да стапат во сила во текот на оваа недела.